
Македонско еколошко друштво (МЕД) е здружение на граѓани активно во областа на екологијата и заштитата на животната средина. МЕД своите цели и задачи ги остварува преку спроведување и учество на проекти како и организирање научни и стручни собири. Покрај научноистражувачката дејност, МЕД работи на јакнење на своите капацитети преку обучување на своите членови и на тој начин им помага на младите истражувачи во иднина полесно да се соочат со предизвиците на полето на екологијата, заштитата на животната средина и природата. МЕД издава научни и популарни изданија од областа на екологијата и заштитата на животната средина и соработува со други организации, членува во бројни домашни и меѓународни здруженија и асоцијации. Македонското еколошко друштво организира меѓународни собири и конференции во нашата земја поврзани со заштитата на животната средина и тоа во соработка со признаени меѓународни организации и фондации. Еден дел од активностите на МЕД се насочени кон заштита и унапредување на Преспанскиот регион, МЕД од 2018 година има локална канцеларија во Ресен и заедно со “СПП-Друштво за заштита на Преспа” од Грција и “ППНЕА- Заштита и зачувување на природната средина во Албанија” од Албанија е дел од „ПреспаНет“ – меѓународна мрежа од невладини организации за заштита на прекуграничниот Преспански регион. Ние работиме под мотото: “ Културниот и природниот идентитет на Преспа, како и на нејзините жители, се нешта што ги чуваме и ќе продолжиме да ги чуваме во иднина.”